Нов спот за „Нерези“

Нов спот за песната „Нерези“ од БАКЛАВА.

Ова видео е креација на Марјан Јаневски и ова ремек-дело од видео е подарок. И искрено на кој не се надевавме. Кога разбравме дека за нас, дотогаш ново име во фотографијата, направил видео на една од нашите песни, бевме скептични. Зошто баш таа песна? Како ли ќе ја долови таа елегија, таа опеана природа создадена од темен алт, кларинет и тишина, таа долга нумера што воопшто не се поклопува со стандардите на урбаната брзина која ни е секојдневие. И се изненадивме. Како што ќе каже и самиот Марјан: каменот од блиску доаѓа. Но, овој пат во една прекрасна смисла на самата поговорка. Бевме маѓепсани од тој мир на видеото, од таа симбиоза на стиховите каде се спомнуваат скопските населби како протагонисти. Како битија. Песна за Водно, песна за скопското Нерези, но и Капиштец, Трнодол, Пржино, Црниче, Жданец… И за пчеличките. Песна за нашето Скопје, онакво какво го сакаме кога се качуваме на таа „заспана животинка“ за да си го видиме градот. Ма каков и да бил. Се надеваме дека Марјан Јаневски го чека светла иднина со својот талент. И благодарни сме му. Се надеваме дека и на гледачите ќе им се допадне.

Песната ја напиша Елена Христова. Песната е од албумот „За Скопје со љубов“ под издавачката куќа CPL Music, Германија.

Стихови: НЕРЕЗИ Водно сенката ја распостила Да стигнеме нѐ вика Нерези Камен приказна ни раскажува Да здивнеме нѐ вика Нерези. Прошепоте природата знај Вековна но заборавена Зберете се на пољаната И за миг ослушнете ги тие траги Молат гребат Поглед следат Одамна Кај што крилата ви се послани Да каснеме нѐ вика Нерези Како заспана ми животинка Капиштец и Жданец гушнало Дише длабоко накај Трнодол Од Пржино нѐ вика Нерези. Се разбуди планината знај Црниче ни се провикна пуштете ми ги пчеличките Исти час мирисајте ги тие траги Бодат цедат живот селат Осамна Кај што трпези ни се послани Да појдеме нѐ вика Нерези

https://baklava.band/ https://www.youtube.com/@thebucklover https://www.facebook.com/baklavamusic https://www.instagram.com/baklava.band/

Leave a comment